Голманот на
Манчестер јунајтед, Давид Де Хеа лично донираше 300 илјади евра за
здравствените услуги во шпанската престолнина Мадрид во битката со пандемијата
со коронавирусот, која изминатиов период силно удри по неговата земја.
Мадрид е
епицентарот на коронавирусот во Шпанија, а здравствените институции ја губат
контролата во справувањето со Ковид-19, налик на ситуацијата во Италија, со
оглед на рапидното зголемување на бројката на пациенти.
Како што наведе „Марка“,
парите кои шпанскиот голман ги донираше ќе одат директно за набавка и
снабдување на медицински материјал како помош кон оние кои имаат најитна
потреба од тоа.
Како што
известуваат во Шпанија, Де Хеа донацијата сакал да ја стори анонимно, меѓутоа,
Изабел Диаз Ајусо, претседателката на заедницата во Мадрид преферирала тоа да
го обзнани на јавноста за да се увиди борбата со коронавирусот пред очите на
целата јавност.
Не е прв пат Де
Хеа да се обиде анонимно да донира во здравствените институции во неговата
земја, претходно тоа го стори во Аликанте и Муртија.
29 годишниот
голман на „Црвените ѓаволи“ исто така редовно учествува во настани за
добротворни цели што ги организира фондацијата на Манчестер јунајтед.