Поранешниот
англиски репрезентативец и екс член на Манчестер Јунајтед, Рио Фердинанд смета
дека актуелната сезона во Премиерлигата треба да биде поништена, и покрај тоа
што Ливерпул е на само две победи до титулата по пауза од цели 30 години.
Премиерлигата е
суспендирана до 30 април, барем најмалку до тој период, но извесно е дека
ситуацијата со коронавирусот, која воопшто не е ветувачка на Островот, ќе
наложи и нови одлагања, а тоа може силно да удри по џебот на лигата, откако би
морале да бидат вратени над 700 милиони фунти на радиодифузерите поради
нарушената програма и план според договорот.
„Јас сметам дека
Премиерлигата треба да биде поништена“ вели Фердинанд.
„Знам дека многу
фанови на Ливерпул би рекле ‘Рио, ова го говориш бидејќи си навивач на Манчестер јунајтед’, но, причината не е таква, едноставно не
гледам начин како сево ова да биде на тој начин завршено, каде здравјето не е
загарантирано, едноставна е мојата теорија“ додава тој.
„Ја следам
ситуацијата, постои идеја да се играат натпреварите без публика, но на теренот
ќе имаме фудбалери, сака да каже некој дека фудбалерите не се дел од
општеството?“ прашува поранешниот дефанзивец.
„Не треба да ја
исклучуваме можноста некој фудбалер да се зарази во една таква ситуација, или
некој да не се рехабилитира доколку се заразил од некој друг, тоа брзо се шири
и на другите фудбалери, не би било фер едно такво сценарио, чувствувам дека
сето тоа не би било коректно за сите“ посочи Фердинанд.
„Се работи за
ситуација која го загрозува животот, ние сите го сакаме фудбалот, јас го
обожавам, меѓутоа тоа не значи живот или смрт, веднаш штом се среди ситуацијата
по здравјето на луѓето, тогаш би можеле и нова сезона да почнеме“ заклучи тој.
Кога сме за
случувањата на Островот во поглед на фудбалот, таму клубовите ја разгледуваат
секоја можна варијанта за актуелната сезона да продолжи, постојат најави таа да
се заокружи во само шест седмици, и тоа во јуни и јули.