Искусниот
фудбалер од средниот ред на Трабзонспор, Џон Оби Микел го напушти турскиот клуб
поради тамошна одлука натпреварите од „Суперлигата“ и натаму да продолжат, но
без публика на трибините, како мерка за спречување на коронавирусот.
Иако во
поголемиот дел во Европа првенствата се суспендирани, во Турција случајот е
сосема поинаков, а самиот Микел вели дека не се чувствува удобно во целата оваа
ситуација.
„Постојат многу работи
во животот отколку фудбалот, не се чувствувам удобно и не сакам да играм фудбал
во една ваква ситуација, сите треба да бидат дома со своите семејства, со
своите сакани во ова критично време“ напиша Микел на социјалните мрежи.
„Сезоната треба
да биде суспендирана, светот се соочува со еден доста турбулентен период“
додаде тој во својата објава.
Микел во редовите
на Трабзонспор дојде ланскиот летен преоден рок, иако неговиот актуелен договор
беше со важност до идното лето, истиот договор сега е раскинат со взаемна
согласност помеѓу обете страни.
Што се однесува
до Трабзонспор, оваа екипа моментално е на делба на првото место во турската „Суперлига“
заедно со Истанбул Башакшехир со по 53 освоени бода од 26 одиграни натпревари.