Шефот на
стручниот штаб на англискиот првак Манчестер Сити, Пеп Гвардиола планира да ја
засили дефанзивната линија во својот тим, а тоа ќе го стори со засилувања од
Интер, известува „Тутоспорт“.
„Граѓаните“
речиси сигурно ја губат битката за одбраната на титулата во „Премиерлигата“
сезонава, со тоа што Ливерпул е на две победи до титулата по цели 30 години
неуспех во таа намера.
Милан Шкринијар
котира високо на листата на желби кај Гвардиола, централниот дефанзивец во
Милано е веќе три сезони а во тој период прерасна во еден од најдобрите на
својата позиција во фудбалска Европа.
Што се однесува
до 25 годишниот Словак,
наводно во Манчестер Сити подготвуваат понуда во висина од околу 90 милиони
евра, но, Шкринијар не е единствената желба на Гвардиола од тимот на Интер.
Освен Шкринијар,
се споменува и Алесандро Бастони, 20 годишниот фудбалер кој веќе импресионира
во дресот на „Нероаѕурите“ каде сезонава на 14 настапи успеа да запише и еден
гол во „Серија А“ зад своето име.
Како и да е, во
Италија навестуваат дека од Интер ќе ги одбијат сите понуди за младиот Бастони,
особено од причината што Антонио Конте има високо мислење за својот фудбалер,
меѓутоа останува дилемата дали ќе се оддолее на висока понуда за Шкринијар, кој
е на мета на Манчестер Сити подолг период.