Фудбалери од
составот на Барселона ја загубиле довербата во својот нов тренер Кике Сетиен по
неполни два месеци од неговото назначување на кормилото на Каталонците,
известува „Каталуња радио“.
„Секција од
соблекувалната на Барселона чувствува дека Сетиен, кој го наследи Валверде по
елиминацијата во шпанскиот Суперкуп во јануари, не го оправдува својот статус
во клуб како Барселона“ се вели во објавата.
Коментари од
типот ‘овие момци (Сетиен и
неговите помошници) не знаат како да управуваат со овој брод’, или ‘тие се далеку од нивото кое е потребно’ се слушнале помеѓу фудбалерите на
Барселона изминатиов период, додаваат од таму.
Поразот во
неделата на мега дербито со Реал Мадрид (2-0) беше трет пораз за Каталонците во
последните шест гостувања откако Сетиен беше назначен за нов тренер на
Барселона, а тој резултат на „Сантијаго Бернабеу“ значеше и губење на
лидерската позиција на табелата во „Примера“ токму од големиот ривал.
Се верува дека
ситуацијата посебно кулминирала по одлуката на Сетиен да го извади од игра
Артуро Видал во 69 минута на гостувањето кај Реал Мадрид, одлука која според некои
фудбалери на Каталонците била пресудна во конечниот исход, а „Кралевите“
головите ги постигнаа две минути подоцна, односно вториот во самата завршница
од дербито.