Ливерпул одигра лош меч на Викариџ Роуд и стави крај на серијата без пораз во Премиерлигата. Црвените примија дури три гола од тим кој се бори за опстанок.
Иако тоа беше најлошото издание на играчите на Ливерпул во последната година, Клоп не се сомнева во нивните квалитети. Кога се вратиле во Ливерпул имале состанок на кој се анализирал поразот, но тоа не бил некој кризен собир.
„Се случува некогаш да бидам лут на моите фудбалери, но не бев лут на играчите на овој состанок“, вели Клоп.
„Ако отидам на тој состанок и почнам да им викам како да сме загубиле десет натпревари по ред поради лошо однесување, тоа би било навистина чудно“.
„Немам користи ако после состанокот се чувствувам подобро затоа што сум се извикал. Целта ми е момците да ја добијат вистинската информација и да има емоции“.
„Немаше аплауз. Не дојдоа и да ми речат „тоа беше одличен состанок шефе“. Се разбира, тие сакаат да покажат дека поразот е случаен. Тоа е исклучителна група на фудбалери. Ситуацијата во која се наоѓаат е посебна. Кој би можел да ни даде совет?“.
„Поминуваме низ неверојатно долг период со фантастични перформанси, сензационален фудбал, прекрасни голови и огромен успех досега“.
„Ниту малку не се сомневам во карактерот на момците, би бил вистински идиот ако го правам тоа бидејќи тие ја заслужуваат мојата верба, не можат да ја загубат после лош натпревар“.