Во текот на
вчерашниот ден на Островот медиумите најавија дека плејмејкерот на Лестер,
Џејмс Медисон е близу потпис на нов договор со клубот, поточно „Телеграф“
објави такво можно сценарио во многу блиска иднина.
По таа вест, „Мирор“
пак, објави дека Манчестер јунајтед од близу ќе ја следи ситуацијата со првата
ѕвезда на Астон Вила, Џек Грилиш, кој игра во животна форма, а многумина на
Островот сметаат дека Герет Саутгејт треба да го награди фудбалерот со повик во
националниот состав на Англија за Европското првенство на лето.
Според пишувањата
на „Мирор“, се наведува дека Грилиш ќе биде приоритет за Манчестер јунајтед во
активностите кои клубот ќе ги има во летниот преоден рок, а очекувањата на
Островот се Медисон на крајот да остане во Лестер.
„Експрес“ отиде малку подалеку во однос на овие шпекулации, па уште од сега објави свои претпоставки како би изгледал составот на Манчестер јунајтед со Грилиш во него (повеќе – тука).
Сепак, на „Олд Трафорд“ нема да им биде лесно во трката за потписот на Грилиш, најмногу поради тоа што на Островот претходно известија дека тој е појдовна точка од планираната реконструкција во Манчестер Сити почнувајќи од летниот преоден рок.
24 годишниот Грилиш
е неверојатен оваа сезона, речиси сам го предводи составот на Астон Вила
сезонава, а капитенот на таа екипа досега постигна девет погодоци, а зад своето
име запиша уште и пет асистенции.
Астон Вила
сезонава избори и место во финалната пресметка од Карабао Купот, а што се однесува пак до моменталната ситуација во Премиерлигата, таму има само бод предност од Вест Хем во опасната зона за испаѓање од елитното друштво.
Малку ќе се
навратиме на ситуацијата со Медисон, па така ќе пренесеме што пишуваат на
Островот, бидејќи е навистина интересна тема.
Во Лестер не ни
помислуваат да стават откупна клаузула во новиот договор со Медисон, кој во
моментов заработува 55,000 фунти на неделна основа, па така, доколку Манчестер
јунајтед го посакува, ќе треба добро да го одврзе ќесето.
Претходно „Црвените
ѓаволи“ платија цели 80 милиони фунти за Хари Мегваер, а интересот за неговиот
веќе поранешен соиграч од Лестер, Бен Чилвел остана, а во Лестер не сакаат ново
сценарио како Н’Голо Канте,
кого Челси го доби во летото 2016. година за само 35 милиони фунти, поради
неговата откупна клаузула во договорот со „Лисиците“.