Евертон мора да се задоволи само со бод од дуелот против Њукасл и покрај тоа што водеше со 2-0 до самата завршница. По еден час игра Кин погоди за 1-0, а на стартот од вториот дел, Калверт Луин ја дуплираше предноста.
Се беше подготвено за славје на Гудисон, но Лежeн во 94. минута искористи една мешаница по корнер за да намали на 2-1. 90 секунди подоцна настана нова мешаница во шеснасетникот на Евертон, а Лежен повторно најдобро се снајде и погоди за 2-2 и голем бод.
Драматично беше и на Стемфорд Бриџ. Челси поведе во големото градско дерби против Арсенал со 1-0 со голот на Жоржињо од пенал, а во исто време „топчиите“ останаа со играч помалку откако црвен картон заработи Давид Луиз.
Но во 63. минута Канте се лизна на средината од теренот и му овозможи на Мартинели да го претрча цел терен и да изедначи на 1-1.
Челси се врати во водство преку капитенот Аспиликета во 84. минута, но радоста траеше кратко. Белерин во 87. минута погоди со удар од работ на шеснаесетникот, па и тука бодовите беа поделени.
Гол длабоко во судиското надополнување имаше и на Вила Парк, каде Астон Вила во 95. минута стигна до триумф од 2-1 над Вотфорд.
Борнмут со 3-1 го совлада Брајтон, Саутемптон со 0-2 победи кај Кристал Палас, а Манчестер Сити со минимален триумф од 0-1 си замина од гостувањето кај Шефилд јунајтед.