Манчестер јунајтед беше еден од клубовите кои пројавија сериозен интерес за Ерлинг Халанд, „ѓаволите“ имаа свој адут во трката за потписот на Норвежанецот, Оле Гунар Солшер соработуваше со својот сонародник во Молде.
Стратегот дури отпатува во Салцбург за лично да разговара со напаѓачот, а потоа беше и во Норвешка на средба со таткото на Ерлинг Халанд.
Но Манчестер јунајтед ја загуби битката за еден од најперспективните играчи во Европа, попладнево Борусија Дортмунд го потврди трансферот на Ерлинг Халанд.
По веста од Сигнал Идуна Парк, медиумите од Англија веднаш побрзаа да го посочат виновникот и да објаснат зошто Манчестер јунајтед не го ангажирал Ерлинг Халанд.
„Ѓаволите“ решиле да се повлечат поради барањата на агентот и таткото на напаѓачот. Мино Рајола барал голема провизија (Билд неодамна говореше за сума од 15 милиони евра) а контроверзниот Италијанец барал и откупна клаузула со која Ерлинг Халанд во иднина ќе може полесно да замине од Олд Трафорд.
Најспорно било барањето, Рајола и таткото на Халанд да добијат процент од следниот трансферот. Манчестер јунајтед не сакал да слушне за нешто вакво па решил да се повлече и покрај тоа што можеле да го купат голгетерот за 20 милиони евра, колку што изнесува неговата клаузула, што е смешна сума во споредба со реалната вредност.