Јувентус има само два порази оваа сезона, двата се од Лацио и двата се со идентични 3-1. Пред две недели, „бјанкочелестите“ славеа во Серија А, а денеска во Суперкупот на Италија.
Резултатот го отвори Луис Алберто по една одлична акција. Лулиќ го прати Де Шиљо по семки и нафрли на подалечната статива каде Милинковиќ Савиќ спушти со глава за Луис Алберто од 11 метри прецизно да стрела за 0-1.
Јувентус изедначи пред крајот на првиот дел. Роналдо биеше од врвот на шеснаесетникот, Стракоша одбрани, но прв до одбиената топка стигна Дибала и рутински реализираше за 1-1.
Лацио се врати во предност во 73. минута, Лацари нафрли, Пароло ја префрли топката на подалечната статива а Лулиќ со волеј го матираше Шчесни за 2-1.
Точка на натпреварот стави Каталди длабоко во судиското надополнување со мајсторија од слободен удар.