Челси имаше дури четири порази на последните пет натпревари во Премиерлигата, „сините“ им дозволија на ривалите да фатат приклучок во битката за топ четири и ризикваа Тотнем да се изедначи со нив на табелата доколку „спарси“ го добијат денешното дерби на Лондон.
Сепак, Лампард го надмудри Жозе Мурињо, излезе со формација 3-4-2-1 и успеа да стигне до победа од 0-2.
Вилијан го отвори резултатот во 12. минута, Бразилецот мајсторски пласираше на подалечната статива за 0-1.
Во последните мигови од првиот дел, гостите дојдоа до 0-2. Домашниот голман Газанига неспретно реагираше, ја промаши топката и го собори Алонсо. Судијата во прв момент досуди прекршок од левиот бек на Челси, но со ВАР ја преиначи одлуката и покажа на белата точка. Сигурен реализатор на најстрогата казна беше Вилијан.
Мурињо на стартот од вториот дел во игра го вметна Ериксен на местото на Даер во обид да спаси нешто, но Сон доби црвен картон во 62. минута и веќе тука беше јасно дека „спарси“ ќе мора да се помират со пораз.