Возбудливото дерби на Етихад му припадна на Манчестер Сити. Лестер поведе благодарејќи на расположениот Џејми Варди, кој по една контра ја префрли топката преку Едерсон за водство на гостите од 0-1.
Избраниците на Пеп Гвардиола сепак до крајот на полувремето го свртеа резултатот во своја корист. Марез изедначи на 1-1, а Гундоган од пенал донесе 2-1.
Трите бода беа осигурани во 69. минута, Жесус рутински ја затресе мрежата на Лестер откако остана осамен на подалечната статива.
Со овој триумф, Манчестер Сити испиша нова историја и стана само вториот тим со 250 победи во Премиерлигата во една декада. Манчестер јунајтед е првиот со вакво постигнување, „ѓаволите“ имаа 255 победи во периодот од 2000 до 2009.