Мурињо има одличен почеток на тренерската кариера во Тотнем, се гледа позитивниот момент во тимот по доаѓањето на Португалецот кој успеа да препороди неколку фудбалери како Сон, Деле Али, Моура…
Лукас Моура кој постигна гол и на синоќешниот меч против Волвс, открива детали од влијанието на Португалецот врз фудбалерите.
„Тој секогаш зборува со нас, се обидува да го промени нашиот менталитет, да сфатиме дека сме силни, дека сме голем клуб, дека сме победници“, вели Моура.
„Се обидува да го вбризга тој менталитет во нас, а потоа чекор по чекор да работиме тактички“.
„Но посебно сака да влијае на нашиот менталитет, на силниот, победнички менталитет“.
Тотнем уште во следното коло може да се најде во топ четири, го пречекува Челси од кој има три бода помалку но подобра гол разлика. Кога Мурињо го презема тимот тој беше на 14. место и многу далку изгледаа местата кои водат во Лигата на шампионите.
„Имаме можност да се вратиме во топ четири, тоа е нашата цел. Способни сме за да се вратиме таму и да ја завршиме годината на многу добар начин со што ќе можеме и да ја почнеме 2020 на многу позитивна позиција“.