Утринава „Кориере дело Спорт“ излезе со неверојатна насловна страница која ги изненади сите. Во време кога светот се бори против расизмот, италијанскиот спортски весник направи шокантен потег кој наиде на осуда.
Како најава за дербито меѓу Интер и Рома кое се игра во петок, весникот стави слика од Лукаку и Смолинг и напиша „Блек фрајдеј“.
Текстот на новинарот поврзан со насловната е анти-расистички, но проблем е што тој е излезен во печатеното издание на весникот, па сите осуди се врз база на насловната страница.
Рома прво реагираше на твитер, а сега во заедничко соопштение со Милан најавува дека ќе го бојкотираат весникот.
„Веруваме дека фудбалерите, клубовите, навивачите и медиумите мора да бидат обединети во борбата против расизмот во фудбалот и сите ние имаме одговорност да бидеме многу прецизни во зборовите кои ги одбираме и пораките кои ги праќаме“.
„Како одговор на насловот „БЛЕК ФРАЈДЕЈ“ објавен од весникот, Рома и Милан одлучија да го бојкотираат „Кориере дело Спорт“, забрането им е присуство во нашите тренинг центри до крајот на годината и наши играчи нема да имаат медиумски активности со весникот во тој период“.
„Двата клуба се свесни дека актуелниот текст на весникот кој се поврзува со „БЛЕК ФРАЈДЕЈ“ е направен да испрати анти-расистичка порака, од таа причина го бојкотираме „Кориере дело Спорт“ само до јануари“.
„Остануваме целосно посветени во борбата против расизмот“, стои во соопштението на Рома и Милан.
Претходно Интер преку својот твитер профил имаше реакција на оваа тема.
„Фудбалот е пасија, култура и братство. Ние сме и секогаш ќе бидеме против секоја форма на дискриминација“, напишаа тие.