Луис Енрике остро на презентацијата: Морено е нелојален со претерана амбиција, такви луѓе не сакам!

by
2 минути читање

По крајот на квалификациите за Европското првенство, Шпанија реши да се раздели со Роберт Морено и да го врати Луис Енрике на кормилото, кој во јули мораше да се повлече поради тешката болест на неговата ќерка, која во август за жал почина.

Одлуката крена голема прашина, особено поради тоа што Роберт Морено не остана како дел од персоналот на Луис Енрике. Младиот стратег одби да ја каже причината за ова, и цело време посочуваше дека одговорите ги има неговиот постар колега.

Луис Енрике денеска беше промовиран како старо-нов селектор на Шпанија и ја образложи својата одлука.

„Ова е специјален ден за мене и моето семејство, се вратив дома, во националниот тим за да го завршам проектот кој го започнав. Знам дека медиумите повеќе ги интересира она што се случуваше изминативе месеци, па принуден сум да дадам објаснувања кои преферирам да не ги давам“ – вели поранешниот предводник на Рома и Барселона.

„Јас сум единствениот одговорен за тоа што Роберт Морено не е дел од персоналот. Несогласувањето со Морено датира од 12. септември. Тоа е единствениот ден кога имав контакт со него. Ми се јави, имавме состанок во мојата куќа и од разговорот добив впечаток дека сака да ја предводи Шпанија на Европското првенство, и потоа, доколку се сложам и јас, повторно да биде мој помошник. Разбирам дека е возбуден, дека ова е шанса која се укажува ретко во животот и не сум изненаден. Го разбирам, тој е амбициозен и тоа е добро. Ова е квалитет кој го ценам, но според мене, тој покажа нелојалност, и не сакам човек со вакви карактериски во мојот тим. Претерана амбиција не е доблест, туку е маана“.

„Му кажав дека сум силен и мотивиран, и дека тој нема да биде во мојот тим. Средбата заврши пријателски. На секој член од мојот персонал му се јавив лично да им кажам што се случило и да им нагласам дека не смеаат да ги прераскажуваат моите зборови. Не се јавив на луѓе од федерацијата, и доколку некој се јавил во мое име, јас не сум дал дозвола за тоа“.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×