Лерој Сане веќе
се навикна на разочарувањата, во секој момент кога Манчестер Сити е пред голем
предизвик, а составот е познат за јавноста, тој мора да го слушне најлошото,
дека ќе биде на клупата за резервни фудбалери.
Изоставен од
составот на Германија за Светското првенство ланската година од селекторот
Јоаким Лев, тој истовремено никако да ја освои довербата кај својот тренер во
Сити, Пеп Гвардиола.
Една мала но мошне значајна хроника
на настаните сезонава, доволно говори дека Пеп нема голема доверба во него:
– Карабао
Куп финале, на клупа за резерви
– ФА
Куп полуфинале, на клупа за резерви
– Лига
на шампиони четвртфинале, на клупа за резерви на обата меча
Синоќа во реваншот против Тотнем, Гвардиола се реши да го уфрли во игра Германецот дури во 84. минута, или практично од него беше побарано да го „гаси пожарот“ во завршницата од реванш пресметката во четвртфиналето во Лигата на шампионите, па од тука остана дилемата колку каталонскиот тренер со право го изоставува, ако се сумира исходот на Етихад.
Иако се веруваше дека Пеп ќе излезе со триото Сане, Стерлинг и Агуеро во нападот како најдобар одговор за брзо анулирање на минималната негатива кај Спарс, а како најдобро решение за дистрибутер на топки кон нив Де Брујне, до тоа не дојде, па каталонскиот тренер се соочи со критики на негова адреса за таквата одлука.
Кога и да одбере
Пеп состав за поголемите натпревари, Сане е се’ почесто изоставен, а на Островот се крена големо
прашање околу статусот на 23 годишниот офанзивец во тимот на Граѓаните.
Ист е случајот и
во Премиерлигата, оваа сезона на осумте меча кои Сити ги имаше против екипите
од топ шест, Сане стартуваше од првата минута само на два меча.
Незаменливи во
секој поглед во прв план кај Пеп веќе од поодамна станаа Стерлинг и Бернардо
Силва, но, исто и Марез му го направи животот на Сане потежок во дресот на
Сити.
Иако
постојат најави од просториите на Манчестер Сити дека е на повидок нов договор
со Сане, се уште не е јасно дали ќе се случи тоа, откако извори за Бличер Репорт
тврдат дека ситуацијата на Сане е на ниво на кое тој самиот не е сигурен дали
потпис на долгорочен план со Сити е добра опција за него доколку и натаму не ја
добива потребната минутажа.