„Кралевите“ во неделата стигнаа до триумф од 1-2 над гостувањето кај Леванте благодарејќи на контроверзен пенал. Касемиро падна како покосен откако Дукуре се обиде да расчисти една топка, а судијата веднаш покажа на белата точка.
Од повторените снимки се чини дека нема контакт, или доколку има, тој е минимален. Многумина сметаа дека нема основа за пенал и судијата направил голем превид.
Арбитарот Иглесиас Виљануева сега се огласи и објасни зошто покажал на белата.
„Досудив пенал бидејќи видов пенал. Судиите мораат да донесат одлука во дел од секунда. Навикнати сме да го правиме тоа и вие знаете (новинарите) дека одлуките се комплицирани“ – вели Виљануева.
Но токму за вакви ситуации е наменет ВАР, судијата на повторена снимка има прилика да види поубаво што се случувало, и да не мора да донесе одлука во дел од секундата.
„ВАР е само за јасни и очигледни грешки, не треба да влегуваме во интерпретација на правилата, тоа е опасно, ризикуваме да трчаме на секој пет минути крај аут-линијата и да прегледуваме снимки. Работиме на појаснување на одредени работи, нашата цел е секогаш да се подобруваме…“.