На почетокот од овој месец, Нант му се закани на Кардиф дека ќе го тужи доколку не ја добие првата рата од 6 милиони евра од трансферот на Емилијано Салa вреден 17 милиони евра.
Клубот од Премиерлигата одби да изврши исплата откако авионот со кој патуваше Аргентинецот кон Велс за да ја започне новата авантура се урна во Англискиот канал на 21. јануари.
Кардиф сака најпрво да заврши целосно истрагата за немилиот настан и да се утврдат причините за несреќата, да се пронајде виновникот па дури потоа да видат дали тие се должни да го испочитуваат договорот.
Двата клуба минатата недела најдоа компромис и се договорија рокот за исплата да биде продолжен до 27. февруари. Сепак, Кардиф не го испочитува ниту ова, па Нант достави жалба до ФИФА и бара помош од светската куќа на фудбалот.
„Можам да потврдам дека синоќа примивме жалба од Нант против Кардиф поврзана со трансферот на Емилијано Сала. Го разгледуваме случајот и во моментов нема да даваме други коментари“ – се вели во соопштението кое до медиумите го испрати потпаролот на ФИФА.