„Ѓаволите“ имаа голем пех во првото полувреме против Ливерпул кога беа направени дури три замени откако се повредија Андер Ерера, Хуан Мата и Џеси Лингард. Маркус Рашфорд исто така се жалеше на болки, но остана на теренот до крајот. Сепак Англичанецот сега е под знак прашалник за утрешното гостување кај Кристал Палас.
Од претходно надвор од стројот се и Фил Џонс, Антонио Валенсија, Матео Дармијан, Немања Матиќ и Антони Марсијал, како и младиот Мејсон Гринвуд.
„Нема многу позитивни работи“ – вели Солскјер. „Матео тренираше претходниот ден но мислам дека нема да биде подготвен. Фил е болен, па и тој е надвор од конкуренција. Валенсија ќе паузира уште некоја недела откако ја обнови повредата на листот на ногата. Марсијал не е подготвен за утре, не сакаме да ризикуваме ништо со него. Рашфорд е под знак прашалник, ќе треба да видиме како неговиот зглоб ќе реагира на третманот“.
Поради големиот број на повреди, тројца младинци добија повик за мечот на Селхрст Парк, а Солскјер исто така ги повика Лукаку и Санчез да покажат што умеат, да ја искористат шансата и да се наметнат за поголема минутажа кога сите ќе биде фит во продолжението од сезоната.