Англија и Хрватска во директен дуел одлучуваа која од овие две селекции ќе испадне во Лига Б, а која ќе биде прва и ќе игра во полуфиналето од Лигата на нации и ќе се бори за трофејот, со реми Шпанија ќе го освоеше првото место во групата.
Вистинска драма се случуваше на Вембли, Хрватите водеа со 1-0, а Англија направи пресврт во последните 15 минути.
Мрежите мируваа во првиот дел, натпреварот беше отворен во 57. минута кога Крмариќ постигна убав гол за водство на Хрватска од 1-0.
Во 73. минута во игра влезе Џеси Лингард, а пет минути подоцна постигна гол за израмнување на 1-1 по една грешка на одбраната на Хрватска која не успеа да ја исфрли топката од шеснаесетникот.
Во 85. минута по еден центаршут од слободен удар, Хари Кејн се најде на вистинското место и постигна гол за победа на Англија од 2-1.
Во групата 4 од Лига А, Англија со седум бода го освои првото место и ќе се бори за трофејот во Лигата на нации, Шпанија со шест бода е втора, а Хрватска последна со четири и во следната сезона на ова натпреварување ќе игра во Лига Б.