Манчестер јунајтед одигра фантастично второ полувреме, можеби најдоброто досега под водство на Мурињо за да направи голем пресврт и да го победи Њукасл со 3-2.
А почетокот на натпреварот не најавуваше добар ден за Манчестер јунајтед и Жозе Мурињо, по само десет минути игра со головите на Кенеди и Муто Њукасл водеше на Олд Трафорд со 2-0.
Во вториот дел како да излезе друг тим на Јунајтед, домаќините нападнаа со сите сили, се редеа шанси пред голот на Њукасл, а отпорот на противникот беше срушен во 70. минута кога Мата постигна гол од слободен удар за 2-1.
Шест минути подоцна Марсијал изедначи на 2-2 и донесе надеж дека може да се стигне и до победа.
Финалниот удар беше зададен во 90. минута кога Алексис Санчез постигна гол со глава за победа на Манчестер јунајтед од 3-2.
Фудбалерите на Манчестер јунајтед ја покажаа досега најпожртвуваната игра оваа сезона, а со тоа го одложија отказот на Жозе Мурињо чие столче се тресеше по лошиот старт на сезоната.