Во пресрет на
пресметката на Тотенхем и Барселона во Лигата на шампионите, Маурисио Покетино
откри дека за малку ќе имал прилика да игра покрај Лео Меси, кој сега е икона
на Барса и најдобар фудбалер во светот.
„Прв пат слушнав
за Меси кога бев играч на Еспањол, сите зборуваа за мало момче кое игра во
академијата на Барселона и пристигнало од Аргентина кога имало само 13 години“
– вели предводникот на „Спарси“.
„Потоа разбрав
дека тој бил многу блиску до потпис со Еспањол. Тоа лето, Барселона играше
против Јувентус предводен од Фабио Капело на купот „Жоан Гампер“. Лео беше
фантастичен на тој меч, Капело многу го фалеше, па Барса се предомисли и го
задржа“.
„Па ако се
навратиме во минатото и доколку тој не настапеше на „Жоан Гампер“ тоа лето,
можеби денеска тој ќе беше најголемата ѕвезда во Еспањол и Еспањол можеби ќе
беше тоа што сега е Барса. Ќе бевме соиграчи, и јас можеби и сега ќе бев тренер
на Еспањол“.
Тренерот на
Тотенхем раскажува за случувањата од летото во 2005, кога Барса ја разгледуваше
можноста да се раздели со Лео Меси, но заборави да кажа дека опцијата била само
на позајмица од 12 месеци.
„Каталонците“
уште тогаш знаеја дека имаат вундеркид во своите редови кого го осигураа со
договор до 2010 и откупна клаузула од 150 милиони евра, но се соочуваа со два
проблеми.
Првиот е тоа што
Лео Меси тогаш се уште се водеше како Аргентинец а Барса веќе ги имаше
попоплнето трите места за играчи надвор од ЕУ со Рафа Маркез, Роналдињо и
Самуел Ето. Исто така, тогашниот селектор на „Гаучосите“ му соопштил на
фудбалерот дека ќе мора да има поголема минутажа и најмалку 20 натпревари
доколку сака да се надева за место во репрезентацијата за Светското првенство
во 2006.
Интер тоа лето
беше подготвен да ја плати откупната клаузула од 150 милиони евра и тројно да
му ја зголеми платата, а на позајмица го побара и Фабио Капело, откако
искусниот стратег гледаше како 18 годишниот Лео Меси прави дар-мар на теренот
покрај ѕвезди како Фабио Канаваро, Џорџо Кјелини и Патрик Виеира.
За лидерите на
Барса и за семејството на Лео Меси сепак имало само логика во идејата тој да
настапува една година на позајмица во Еспањол бидејќи ќе има шанса за поголема
минутажа и нема да има потреба да за преселба, односно ќе продолжат да живеат во Барселона. Помалиот клуб од Барселона исто така имаше
и специјален адут, во составот го имаше Пабло Забалета, кој е добар приајтел
на Лео Меси и двајцата беа дел од составот на Аргентина до 20 години кој
триумфираше на младинското светско првенство во 2005.
Но по
фантастичната партија против Јувентус, сите решиле дека е најдобро Лео Меси да остане на
Камп Ноу. Пет недели подоцна тој добива шпански пасош со што се стекнува со
право за настап во Ла Лига, и сето останато е историја.