На почетокот од
април, Реал Мадрид гостуваше кај Јувентус во четвртфиналето од Лигата на
шампионите. ЦР7, кој сега го носи дресот на „Старата Дама“, тогаш ја крена
публиката на нозе и ги воодушеви фудбалските фанови ширум светот откако со маестрални ножички го матираше Џиџи Буфон.
Акробатскиот гол
на Кристијано Роналдо беше толку добар што и домашните фанови станаа и му аплаудираа. Но
по некое чудо овој атрактивен погодок тогаш не беше прогласен за гол на
неделата.
Причината е тоа
што Мохамед Салах тогаш ја затресе мрежата на Манчстер Сити, па армијата фанови до Египет ја преплавија
анкетата и гласаа за ѕвездата на Ливерпул. Мо Салах сепак не се најде помеѓу
кандидатите на УЕФА за гол на годината, гласовите од Египет ги снема, па сосема
праведно Кристијано Роналдо сега го доби ова признание и неговите ножички се
голот на сезоната во Европа.