За разлика од
Реал Мадрид кој секогаш поставува огромни откупни клаузули во договорите, Барселона
користеше прилично разумни суми. Но „Каталонците“ ја сменија политиката откако
ПСЖ им го украде Нејмар и ја активираше откупната клаузула на Бразилецот од 222
милиони евра.
Сите играчи кои
по овој трансфер потпишаа нов договор добија астрономски клаузули. Оваа политика
Барса почна да ја применува и за фудбалерите од школата.
Вчера нов договор
доби еден од поталантираните играчи во Ла Масиа, 18 годишниот фудбалер од
средниот ред, Рикардо „Рики“ Пуиг. По одличните партии во Хувенил А составот,
тој беше промовиран во Б тимот и имаше деби во Секунда, а во неколку наврати
доби повик и од Ернесто Валверде да тренира покрај Меси и Иниеста во првиот тим.
Па тој го
привлече вниманието на неколку клубови, а најсериозен интерес пројави Тотенхем. Сепак,
шампионот на Шпанија не дозволи да им „кидне“ уште еден перспективен фудбалер, ја продолжи соработката со Рики Пуиг и го заштити со откупна клаузула од 100
милиони евра.
Неодамна,
Барселона го продолжи договорот на уште еден талент од својата школа,
дефанзивецот Хуан „Чуми“ Брандариз, кој исто така доби откупна клаузула од 100
милиони евра.