Струга повторно го надигра Вардар – Радески го реши дербито!

by Стефан
1 минути читање

Струга уште еднаш покажа дека има рецепт за Вардар. Тимот од Охридското крајбрежје по вторпат сезонава го совлада актуелниот шампион, откако денеска на терените на ФФМ во Лисиче славеше минимална победа од 1-0.

Во натпревар со многу борба, цврста игра и малку вистински можности за гол, Стружани искористи една од своите шанси, а човек на одлука беше искусниот Марјан Радески. Напаѓачот во 31. минута одлично се снајде од тешка позиција и успеа да го совлада Талески за водство на својот тим.

Вардар во првото полувреме беше речиси безопасен пред противничкиот гол, не успевајќи да упати ниту еден удар во рамките на голот. По паузата, избраниците на Божовиќ заиграа поофанзивно и тргнаа по израмнување. Во 53. минута успеаја и да ја затресат мрежата преку Данев, но по интервенција на ВАР, погодокот беше поништен.

До самиот крај Вардар имаше поголем посед на топката и ја презеде иницијативата, но не успеа да најде начин да го пробие одбранбениот бедем на Струга.

Така, Струга стигна до нов триумф над најтрофејниот македонски клуб и ги освои трите бода. Интересно е што и на првиот меѓусебен дуел сезонава Стружани славеа со идентични 1-0, а тогаш стрелец на единствениот гол беше Малески.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×