Фудбалерите на Реал Мадрид забележаа убедлива победа од 4-1 над Севиља во деветтото коло од шпанската Ла Лига и продолжија да ја креваат формата пред претстојното „Ел Класико“.
Домашниот состав ја презеде иницијативата уште од првите минути, а резултатот го отвори Арда Ѓулер по половина час игра. Турскиот интернационалец испрати одличен удар од далечина по додавањето на Диоманде и донесе водство од 1-0.
Реал продолжи да напаѓа, а во финишот на првото полувреме Килијан Мбапе приреди вистинска мајсторија. Французинот се поигра со противничката одбрана, го надмудри и голманот на Севиља и ја смести топката во мрежата за 2-0.
По паузата, мадриѓаните ја потврдија својата доминација. Мбапе во второто полувреме повторно беше прецизен, овојпат од пенал, зголемувајќи ја предноста на 3-0 и стигнувајќи до својот втор погодок на натпреварот.
Севиља не се закануваше премногу, но во 80. минута Буено успеа да го совлада Куртоа и да намали на 3-1. Сепак, Реал веднаш одговори, па само две минути подоцна Диоманде ги постави конечните 4-1 и стави точка на убедливиот триумф.