Вардар стигна до значајна победа од 2-1 против Скопје во натпреварот од деветтото коло во Првата македонска фудбалска лига. „Црвено-црните“ до трите бода дојдоа со пресврт, а херој на гостите беше Горан Закариќ, кој ги постигна двата гола за својот тим.
Скопје прв се радуваше на денешниот дуел, откако Виктор Ангелов во 26. минута ја затресе мрежата на Вардар и му донесе предност на домашниот состав. До паузата резултатот не се менуваше, па вардарци мораа да бараат начин да се вратат во натпреварот во второто полувреме.
Притисокот на Вардар вроди со плод во 59. минута, кога Закариќ ја искористи својата шанса и погоди за израмнување на 1-1.
Во продолжението Скопје се обиде да го изненади противникот преку контранапади, додека Вардар продолжи да напаѓа и да бара погодок за целосен пресврт. Иако неколку пати се заканија, гостите долго време не успеваа да ја пронајдат патеката до мрежата.
Кога се чинеше дека двете екипи ќе ги поделат бодовите, на сцена повторно стапи Закариќ. Во судиското надополнување, напаѓачот го постигна својот втор гол на натпреварот и му донесе големо славје на Вардар со конечни 2-1.
Со оваа победа, Вардар по девет одиграни кола има 17 бодови, исто колку и Струга која има натпревар помалку, лидер е Шкендија со три повеќе.