Македонската репрезентација до 18 години ѝ се реваншираше на Црна Гора за поразот од пред два дена и во вториот контролен натпревар во Охрид славеше со 1-0.
Црногорците на првиот меч триумфираа со минимални 1-0, но овојпат нашите фудбалери се радуваа на триумфот.
Единствениот погодок на средбата беше постигнат во 60. минута. Васко Папалиски се запиша во листата на стрелците и тој се покажа како доволен. Нашата селекција можеше да слави и поубедливо, но неколку добри шанси останаа неискористени.
Селекторот Колев по натпреварот изрази задоволство од прикажаното и особено го потенцираше фактот што Македонија се спротивстави на квалитетен противник.
„Задоволен сум од победата, особено ако се знае квалитетот на Црна Гора. Станува збор за селекција која во последниот период покажа сериозен напредок и обезбеди пласман на големо натпреварување. Ние настапивме и без неколку стандардни играчи од оваа генерација, кои во моментов се со повозрасните репрезентативни селекции. Тоа им овозможи на други фудбалери да добијат шанса, а сметам дека добро ја искористија.
Бевме дисциплинирани и борбени, а во клучните моменти реагиравме како што треба. Секако, имаме уште многу простор за напредок, но победа против силен противник е добар показател и мотив повеќе за оваа генерација“, изјави Колев.