Ѕвезда на Швајцарија се скара со селекторот пред Македонија, нема да игра додека на клупата е Мурат Јакин

by Стефан
1 минути читање

Напаѓачот на Лидс, Ноа Окафор, донесе одлука да не настапува за репрезентацијата на Швајцарија додека селектор на националниот тим е Мурат Јакин.

Окафор својата одлука ја соопшти преку социјалните мрежи, нагласувајќи дека не станува збор за дефинитивен крај на неговата репрезентативна кариера. Причината, како што самиот наведе, е односот со селекторот Јакин.

Несогласувањата меѓу двајцата траат подолго време. На Европското првенство во 2024 година Окафор не доби ниту една минута, по што во јавноста се појавија информации за неговото незадоволство и случувањата во репрезентативниот камп.

Јакин потоа одреден период не го повикуваше напаѓачот, а Окафор подоцна му се извини на тимот за своето однесување. Се чинеше дека ситуацијата е надмината откако на почетокот од оваа година Јакин и неговиот стручен штаб го посетија Окафор во Англија, каде што разговараа за проблемите.

По тој состанок, Окафор доби повик за Светското првенство и отпатува во САД со позитивни очекувања. Сепак, според неговите зборови, она што го доживеал на Мундијалот повторно го разочарало.

„Долго време верував дека ситуацијата ќе се промени. Една година по Европското првенство, Мурат Јакин дојде во Англија со членовите на стручниот штаб за да разговараме и да ги расчистиме работите. Тоа беше коректен и добар разговор. Бев благодарен за тоа.

Затоа на Светското првенство отпатував со добро чувство, мотивиран и со желба да дадам сè за тимот и Швајцарија. Но, она што го доживеав таму уште повеќе ме разочара. Не станува збор само за тоа што малку играв, туку за начинот на кој се однесуваа кон мене. За мене тоа беше најтешкиот период во досегашната кариера“, порача Окафор.

Македонија и Швајцарија треба да ги одмерат силите на 26 септември во Скопје во рамките на Лигата на нации.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×