Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, даде изјава која нема да им се допадне на фановите на Барселона.
Навивачите на Барса се надеваат дека пред крајот на преодниот рок ќе успеат да го добијат Хулијан Алварез, но Симеоне верува дека тој уште долго ќе биде во Атлетико Мадрид.
„Продолжувам да размислувам на ист начин како и во Јужна Кореја. Се занимавам со спортскиот дел. Разговаравме како и секогаш. Разбирам дека во однос на спортот, сè уште му треба малку повеќе за да биде целосно подготвен за недела. Му треба повеќе тренинг. Тој е нашиот најдобар напаѓач и ќе се обидеме да изградиме тим околу него, размислувајќи за неговиот потенцијал, талент и искуство, како и за она што му го даде на тимот во текот на годините додека е тука“, изјави Симеоне.
Тренерот беше прашан и за изјавите на шефот на клубот, Мигел Анхел Гил Марин, кој е категоричен дека нема да го продаде Алварез на Барселона .
„Тој е сопственик на клубот. Нема порешителна личност од сопственикот, тоа е повеќе од јасно. Тоа е како кога судија ја изрекува пресудата. Она што го кажа е повеќе од јасно. Во спортска смисла, сакаме да се грижиме за личноста и играчот за да може тој да продолжи да го брани својот углед“, вели Симеоне.