Денеска со шест натпревари официјално започна новата сезона во Втората македонска фудбалска лига, а стартот донесе успешни резултати за два од тимовите кои минатата сезона испаднаа од елитното друштво, Работнички и Брера Струмица.
Работнички со сигурна игра стигна до убедлива победа од 3-0 против Кожуф на теренот во Маџари. „Романтичарите“ поведоа во првото полувреме преку Кудијан, додека Пограџа и Богданоски во вториот дел ја потврдија победата.
Интересен дуел се одигра во Ѓорче Петров, каде Тетекс беше многу блиску до триумф против Македонија ЃП. „Штофарите“ поведоа со голот на Мисајловски, но домашниот состав успеа да израмни преку Блажевски Еминов за конечни 1-1.
Беласица на домашен терен во Струмица минимално со 1-0 го совлада ГФК Осогово. Рон Мемеди се покажа како вистински џокер, бидејќи само што влезе во игра од клупата успеа да го постигне победничкиот гол.
Успешен старт имаше и Брера Струмица, која со 2-0 беше подобра од повратникот во второлигашката конкуренција, Еуромилк ГЛ.
До три бода стигна и Детонит Плачковица, која како гостин го совлада Шкупи со 2-0.