Спортскиот директор на Силекс, Стевица Ристиќ, како гостин во емисијата „За гол повеќе“ на Арена Спорт Македонија, зборуваше и за долготрајноста на тренерите во македонската лига.
Во дел од емисијата која е најава за третото коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Ристиќ го прокоментира отказот на Кристијан Фабијани и направи споредба со начинот на раководење на Силекс каде што тренерите не се отпуштаат така лесно. Тој му дава максимална поддршка на Александар Васоски кој веќе трета сезона го води кратовскиот тим.
„Вардар не го боли толку првиот првенствен пораз колку што го болат европските натпревари кои се изгубени и ова е само шлаг на тортата. Тренерот кој го водеше Вардар не го познава овој менталитет, можеби му требаше и време, ако е донесен како проект, можеби требаше да остане уште шест-седум месеци па да видевме што може. Реално за месец и пол дена покажа многу слабости, многу лошо одработени натпревари, тактички и физички беше многу лошо, особено во второто полувреме со Шкендија каде можеше да биде 0-5 ако не беше голманот на Вардар. Искрено заслужено е сменет. Но, јас не можам да зборувам во детали за Вардар бидејќи не сум во Вардар, не знам каква била идејата на Вардар, каков бил проектот. Јас можам да кажам дека ние како Силекс не ги менуваме лесно тренерите. Го имавме Горазд Михаилов кој беше две и пол години тренер, сега Васоски ми е две и пол и ќе биде уште две и пол. Васоски и да ги изгуби наредните четири натпревари, тој и понатаму ќе биде тренер на Силекс“, рече Стевица Ристиќ.
Целата емисија „За гол повеќе“ со Стевица Ристиќ може да ја погледнете во продолжение: