Револуционерен потег на Комо: Забрани игра со глава во младинските категории

by Стефан
2 минути читање

Италијанскиот клуб Комо направи пионерски чекор во заштитата на младите фудбалери, станувајќи еден од првите клубови што воведе забрана за игра со глава во својата младинска академија.

Иницијативата, предводена од членот на Одборот за развој и поранешен француски стопер Рафаел Варан, има цел да го заштити здравјето и развојот на мозокот кај децата, но и да поттикне развој на подобра техника и игра „од нога до нога“.

Новите правила во академијата на Комо се јасно дефинирани и строго приспособени според возрасните категории.

До 10 години: Играта со глава е целосно забранета. Наместо класично уфрлање од аут со раце, се применува изведување со нога, а сите корнери мора да се изведуваат по земја.

До 11 години: Играта со глава останува забранета и на натпреварите. Работата на техниката на удар со глава се воведува дури на самиот крај од сезоната, во многу ограничен обем и со употреба на специјални, полесни топки.

До 12 години: Дозволен е најмногу еден тренинг месечно на кој се вежба игра со глава, при што секој играч смее да изведе најмногу пет удари со глава.

До 13 години: Играта со глава е дозволена исклучиво на тренинзите, еднаш неделно, повторно со ограничување од најмногу пет удари по тренинг. На официјалните натпревари, сепак, таа и понатаму останува забранета.

Главната цел на оваа реформа е драстично да се намали изложеноста на удари во главата во периодот кога детскиот мозок сè уште се развива. Во Комо веруваат дека овој модел, покрај здравствените придобивки, ќе помогне да се создаде нова генерација технички поквалитетни фудбалери со подобар преглед на играта.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×