Манчестер јунајтед денеска откри нови детали од амбициозниот проект за изградба на нов стадион со капацитет од 100.000 гледачи, кој ќе биде лоциран на околу 350 метри северозападно од сегашниот „Олд Трафорд“.
Од клубот соопштија дека, како дел од поширокиот проект за развој на стадионската област, се очекува да бидат отворени околу 48.000 нови работни места, да се изградат 15.000 домови и да се генерираат 7,3 милијарди фунти годишно за британската економија.
Извршната директорка задолжена за развојот на новиот стадион, Колет Рош, истакна дека Манчестер јунајтед и неговите партнери имаат можност да реализираат проект кој ќе остави долгорочен белег.
„Заедно со нашите партнери имаме можност што се појавува еднаш во генерација, да создадеме дестинација која со децении ќе им носи придобивки на навивачите, локалната заедница и целиот регион“, изјави Рош.
Таа додаде дека клубот сака навивачите активно да бидат вклучени во процесот на изградба.
„Посветени сме на изградба на стадион од светска класа со нашите навивачи, а не само за нив“, порача Рош.
Косопственикот на клубот, Џим Ретклиф, претходно ја истакна амбицијата Манчестер јунајтед да го изгради „најголемиот фудбалски стадион во светот“. Кога проектот беше претставен минатата година, беше проценето дека изградбата ќе чини околу две милијарди фунти, а целта е новиот стадион да биде поголем од „Вембли“ и да биде завршен до сезоната 2030/31.
Првичните идејни решенија предвидуваа стадион со три препознатливи кули, но конечниот изглед сè уште не е дефиниран. Во моментов „Вембли“ е најголемиот стадион во Обединетото Кралство со капацитет од 90.000 гледачи, додека „Олд Трафорд“, домот на Манчестер јунајтед од 1910 година, е најголемиот наменски фудбалски стадион во земјата со капацитет од нешто повеќе од 74.000 места.