Контроверзните паузи за освежување, кои годинава за првпат се воведени на Светското првенство, покрај бројните дебати во фудбалската јавност, отворија и нов простор за заработка од рекламирање. Меѓу најголемите добитници од ваквиот начин на организација е поранешниот англиски фудбалер Дејвид Бекам.
Според британскиот весник „Дејли мејл“, Бекам заработува милионски износи од рекламите што се прикажуваат за време на задолжителните триминутни паузи за освежување во двете полувремиња. Иако ваквите прекини одамна се вообичаени во американските спортови, нивното воведување во фудбалот предизвика поделени мислења. Телевизиските куќи ги искористија паузите како дополнителен термин за рекламирање, со што значително ги зголемија приходите од преносите.
Бекам, кој неодамна беше вклучен меѓу милијардерите според листата на „Сандеј тајмс“, е заштитно лице на голем број познати светски компании. За време на шампионатот, токму тој се појавува во рекламите на производители на безалкохолни пијалаци, брза храна, грицки, пиво, трговски синџири, банки, телекомуникациски компании и спортска опрема.
Анализата на „Дејли мејл“, повикувајќи се на Патрик Риш, директор за спортски бизнис на Универзитетот во Вашингтон, покажува дека само од кампањите поврзани со Светското првенство Бекам би можел да заработи околу 25 милиони евра.
„Ова е уште една потврда за неговата светска препознатливост, силната комерцијална вредност и влијанието што го има на глобално ниво“, изјави Риш.
Тој нагласи дека Бекам е меѓу ретките поранешни спортисти кои успеваат истовремено да бидат избор на толку многу различни светски компании.
„Тој е веднаш препознатлив, остава впечаток на вистински господин и човек со висок углед, а токму тоа е причината поради која компаниите сакаат да го поврзат својот имиџ со него“, истакна Риш.