По оставката
на Горан Станковски, за нов шеф на стручниот штаб на македонскиот прволигаш
Работнички е именуван Ѓоре Јовановски, кој, според информациите на официјалниот
клупски сајт, ќе ги води Романтичарите до крајот на сезоната.
„По
поднесената оставка од Горан Станковски раководството на Работнички на
синоќешниот состанок одлучи до крајот на сезоната тимот да го води Ѓоре
Јовановски. На Станковски искрено му заблагодаруваме на досегашната соработка,
посакувајќи му успешна кариера во иднина“ истакна претседателот на Работнички,
Драган Поповски.
„Јовановски
се враќа во добро позната средина. Веруваме дека може многу да донесе пред се
зa психолошко враќање на екипата. Се договоривме за соработка до крајот на
сезоната, а потоа од јуни ќе размислуваме за евентуално продолжување на истата“
додаде Поповски.
Јовановски
по трет пат седнува на клупата на Работнички, претходно оваа екипа ја
предводеше од 2003. до 2007. година, како и сезоната 2011/12.
Првиот собир
со своите избраници, Јовановски ќе го има денеска.
Работнички
има доста лоша сезона, со 29 бода се наоѓа на петтото место на табелата во
Првата лига, со дури десет бода негатива зад Силекс на третото место кое води
до излез во Европа.
Извор/Фото-вест:
fkrabotnicki.com