Нова акција на органите за прогонот го потресе македонскиот фудбал, откако поранешниот прв човек на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, беше приведен поради сомнежи за финансиски малверзации.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал потврдија дека од раните утрински часови се спроведува координирана акција на повеќе локации, во која учествуваат и МВР и Финансиската полиција. Во рамки на истата се вршат претреси и приведувања на повеќе лица поврзани со случајот.
Покрај Ѓорѓиоски, приведена е и Олгица Младеновска, која во неговиот мандат била задолжена за финансии, како и уште неколку лица. Според првичните информации, сите се сомничат за финансиски малверзации со кои бил оштетен буџетот на Куќата на фудбалот.
Случувањата претставуваат нов удар за македонскиот фудбал, бидејќи ова е втор ваков случај за краток период. Претходно беше приведен и Муамед Сејдини, кој се соочува со обвинувања за проневера на средства во висина од 700.000 евра, наменети како донација од УЕФА.
Истрагата е во тек, а од надлежните институции најавуваат дополнителни информации во наредниот период.