Реакција на Вардар: Клубот не може да биде казнет за приватна прослава

by Стефан
1 минути читање

Фудбалската федерација на Македонија потврди дека е отворена постапка против Вардар поради прославата на титулата која предизвика реакции во јавноста. Сепак, од скопскиот клуб возвраќаат дека нема основ за дисциплинска постапка.

Вардар во официјален допис до ФФМ наведува дека спорниот настан не бил дел од официјален натпревар или клупска организација, туку приватна прослава, поради што, според нив, не може да се поведе постапка против клубот.

Од клубот дополнително најавуваат дека официјалната прослава на освоената двојна круна ќе се одржи на 23 мај, по натпреварот против Шкендија кој започнува во 18:00 часот.

Во своето образложение Вардар се повикува и на Дисциплинскиот правилник на ФФМ, посочувајќи дека одговорност може да постои само за активности поврзани со натпревари, официјални настани или дејствија под организациска контрола на клубот.

„Особено укажуваме дека Дисциплинскиот правилник на ФФМ предвидува дисциплинска одговорност на клубовите за дејствија сторени во рамки на натпревари, официјални настани, организација на натпревар или активности кои се под организациска, управувачка или фактичка контрола на клубот.

Во конкретниот случај:

  1. Не се работи за службен или официјален настан на ФК Вардар АД Скопје;
  2. Настанот не бил организиран, финансиран или координиран од Клубот;
  3. Не се случил во рамки на официјален натпревар или протокол на ФФМ;
  4. Не постои дејствие на клубот како правно лице кое би можело да биде предмет на дисциплинска одговорност.

Согласно член 116 од Дисциплинскиот правилник на ФФМ, дисциплинска одговорност може да постои доколку постои повреда на правилата сторена од клуб, службено лице, играч или друг субјект во врска со вршење на фудбалска дејност и во рамки на надлежностите на ФФМ. Во конкретниот случај, евентуални приватни постапки или однесување на одредени лица надвор од официјални натпревари и надвор од организација на клубот не можат автоматски да создадат дисциплинска одговорност за ФК Вардар АД како правно лице“, стои во реакцијата на Вардар.

Screenshot
Screenshot

Можно е и ова да ти се допаѓа

×