Пеп Гвардиола остро одговори на критиките од Вејн Руни, нарекувајќи ги „глупости“, по бурното славје на Манчестер сити по победата над Арсенал.
Победничкиот гол на Ерлинг Халанд донесе еуфорија на „Етихад“, а „граѓаните“ со евентуална победа против Барнли на „Турф Мур“ во среда би можеле да се искачат на врвот на табелата во Премиер лигата.
По драматичниот триумф од 2-1 против тимот на Микел Артета, следуваше вистинска експлозија од емоции, Џанлуиџи Донарума скокна меѓу навивачите, членовите на стручниот штаб втрчаа на теренот, а Халанд славеше со дресот.
Руни во емисијата „Match of the Day“ оцени дека прославата била „малку претерана“, а сличен став имаше и аналитичарот Дени Марфи, кој додаде дека му изгледала „премногу“. Гвардиола не остана должен, иако не го спомена директно Руни.
„Луѓето можат да зборуваат што сакаат, какви било глупости. Славеа затоа што знаат колку вреди противникот“, изјави стратегот на Сити.
Тој потенцираше дека натпреварот имал огромно значење:
„Знаевме дека ако не победиме, речиси сме отпишани. Победивме и сè уште сме во игра, како да не славиме?“
На табелата сега, Манчестер сити и понатаму е втор зад Арсенал со три бода помалку, но „граѓаните“ исто така имаат и натпревар помалку против Кристал палас.