Денеска се играат последните два натпревари од 26. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Македонија Ѓорче Петров го пречекува Арсими, Струга му гостува на Шкупи.
Македонија Ѓорче Петров и Арсими водат голема борба за опстанок, гостите се во подобра позиција, но и на нив им е потребен секој бод.
Ѓорчепетровци во овој меч влегуваат во очајна форма со четири порази на последните четири натпревари, Арсими има еден триумф на последните пет меча, а тој го оствари против Вардар.
Голманот на Македонија ЃП, Ристе Јанков смета дека ова е само уште еден важен меч за нив, но не и клучен.
„Не би рекол дека е финале за нас. Важен меч за Македонија ЃП како и секој друг. Битни бодови како за нас така и за Арсими битката за опстанок во прва лига. Искрено се надевам дека нештата во Македонија ЃП наскоро ќе се средат и овој клуб ќе застане на здрави нозе. Ќе биде конкурент за највисок пласман како некогаш”, изјави Ристе Јанков.
Колегата на Јанков по голманска позиција, Дејан Сиљановски кој го брани голот на Арсими, вели дека во Скопје доаѓаат по целиот плен.
„По поразот на гостувањето против АП Брера, кој според мене беше незаслужен, нашата екипа направи анализа и е максимално фокусирана на следниот предизвик. Ги анализиравме грешките и решени сме да реагираме на најдобар можен начин. Сега целиот наш фокус е насочен кон натпреварот во четврток против Македонија Ѓорче Петров. Знаеме дека нe очекува тежок дуел, но сме подготвени и мотивирани. Нашата единствена цел е победата. Ќе дадеме максимум на теренот за да ги освоиме трите бода и да се вратиме на победничкиот пат”, рече Сиљановски.
Во вториот денешен дуел се среќаваат Шкупи и Струга, тука ситуацијата е јасна, а ниту еден тим не е во трка по бодови кои ќе му требаат за нешто.
Шкупи и теоретски е испаднат, а Струга веќе го загуби чекорот со Вардар и Шкендија, па е сигурна на третата позиција. Стружани се голем фаворит во овој меч и се освен нивна победа би било големо изненадување.
Двата натпревари почнуваат од 15:30 часот.