Фудбалерите на Шпанија и Египет одиграа натпревар без голови во пријателски дуел, но резултатот остана во сенка на контроверзите поврзани со однесувањето на дел од навивачите.
Во фокусот се најде младата ѕвезда Ламин Јамал, кој по натпреварот се огласи преку социјалните мрежи и реагираше на скандирањата кои се слушале од трибините.
„Јас сум муслиман, фала му на Бога. Вчера се слушаше скандирање кое знам дека беше упатено кон противничкиот тим и дека не беше лично против мене, но како муслиман, тоа сепак претставува непочитување и нешто неприфатливо.
Разбирам дека не се сите навивачи такви… но на оние кои пеат такви работи им порачувам: користењето на религијата како шега на стадионот ве прави необразовани и расистички настроени. Фудбалот е тука за да се ужива и навива, а не за да се навредуваат луѓето поради тоа кои се или во што веруваат.
Сепак, благодарност до сите кои дојдоа да не поддржат – ќе се видиме на Светското првенство“, порача Јамал.
Да потсетиме, селекцијата на Шпанија во претходниот пријателски натпревар убедливо ја совлада Србија со 3-0.