Лидерот во најсилниот
македонски фудбалски шампионат Шкендија се помачи за да дојде до три бода од
дуелот на домашен терен против Академија Пандев, тетовските црвено-црни
промашија два пенали, но на крајот славеа со 1-0.
Сепак, доста
контроверзна ситуација дојде од мечот во Тетово, откако младинскиот
репрезентативец на Македонија, Енис Фазлагиќ во 21. минута доби црвен картон, а
по цели 15 минути во игра влезе Шефити Шефит.
Според правилникот од
Куќата на фудбалот во нашата земја, секоја екипа во првото полувреме мора да
има домашен фудбалер кој нема наполнето 21 година.
„Сите клубови учесници
во натпреварувањето во Првата лига првото полувреме мора да го започнат и да го
завршат со еден домашен фудбалер кој нема навршено 21 година“ се вели во членот
20, став 3, кој го регулира ова правило, а истиот може да се протолкува и во
корист на Шкендија, па голема дискусија предизвика ова прашање.
Од Академија Пандев поднесоа
жалба за тоа што се случи, а струмичкиот тим бара и службена победа од 3-0
сметајќи дека членот од правилникот на ФФМ е прекршен.