Најпознатиот светски експерт за трансфери во фудбал, Фабрицио Романо, гостуваше во емисијата „Друга страна на медалот“ на „МаксСпорт“, каде откри бројни детали од својата кариера, а големо внимание привлече онаа со Баерн Минхен и Јулијан Нагелсман.
На прашањето дали некогаш се нашол во ситуација да објави информација за која се плашел дека можеби не е точна, Романо откри што се случувало кога дознал дека Нагелсман ќе добие отказ во Баерн.
„Многу пати. Случајот со Томас Тухел, Јулијан Нагелсман и Баерн Минхен беше неверојатен. Баерн беше прв на табелата, го елиминираше Сити од Лига на шампиони, па зошто би го менувале Нагелсман? Играа одлично, и покрај тоа што знаев дека односите меѓу клубот и тренерот не се најдобри, не ми имаше никаква логика да го сменат во март“, раскажува Романо за настаните во клубот во 2023 година.
„Кога добив информација дека Нагелсман ќе биде отпуштен и дека ќе дојде Тухел, му реков на изворот: ‚Во ред, ќе се слушнеме летово кога тоа ќе биде актуелно.‘ Тој ми одговори дека тоа се случува сега. Бев шокиран, ништо не ми имаше смисла. Никој не ми одговараше на пораки, никој не се јавуваше, што ми беше веднаш чудно. На крајот еден извор ми потврди дека не му е јасно како сум дојден до информацијата, но дека е точна и дека смената ќе се случи следниот ден“, додаде италијанскиот новинар.
Романо призна дека дури и по објавувањето на веста се плашел, бидејќи сè уште му се чинело неверојатно. Подоцна се покажа дека бил во право, толку многу што самиот тренер дознал за својата смена токму преку објавата на Романо.
„Баерн беше прилично лут на мене по објавата, но им реков дека ги барав со часови и дека имаа шанса подобро да го контролираат. Кога сè помина, признаа дека бев во право, а Лотар Матес ми кажа дека не разбира како сум дојден до информацијата, но ми честиташе“, заклучи Романо.