Англискиот гигант Челси е казнет со 12,3 милиони евра од страна на Премиерлигата и забрана за трансфери, која засега е условна на период од две години, поради кршење на правилата во периодот кога клубот беше во сопственост на Роман Абрамович.
„Премиерлигата заклучи два одвоени дисциплински постапки против Челси, откако клубот доброволно пријави потенцијални прекршувања на правилата во минатото“, се наведува во соопштението на лигата.
Независната комисија потоа потврдила два договори за санкции, според кои лондонскиот клуб прифати парични казни во вкупен износ од 12,3 милиони евра. Казните се однесуваат на прекршување на правилата на Премиерлигата поврзани со финансиското известување, инвестициите од трети страни и развојот на младите играчи.
Покрај финансиските казни, клубот доби и спортски санкции. Челзи е казнет со деветмесечна забрана за трансфери во клупската академија, додека едногодишната забрана за доведување играчи во првиот тим е условна на период од две години.