Селекторот на женската фудбалска репрезентација на Луксембург, Даниел Сантос, е разрешен од функцијата откако до Фудбалскиот сојуз на земјата пристигнале пријави дека испраќал непристојни пораки до неколку репрезентативки.
Од Фудбалски сојуз на Луксембург потврдија дека добиле повеќе поплаки од фудбалерки за несоодветна комуникација од страна на селекторот. Во нивното соопштение се наведува дека ваквото однесување е недозволиво, особено кога доаѓа од лице кое има авторитет и одговорност во тимот, и дека тоа е во спротивност со етичките стандарди и принципите на почитување што ги промовира сојузот.
Сантос ја водеше женската репрезентација од 2020 година, но од федерацијата велат дека реагирале веднаш штом биле информирани за случајот.
„Веднаш по добивањето на информациите презедовме итни чекори со цел да ги заштитиме фудбалерките и да го зачуваме интегритетот на спортската средина во националниот тим. Сведоштвата што ги добивме покажуваат дека довербата е сериозно нарушена и дека понатамошната соработка не е возможна“, наведуваат од сојузот.
Поради тоа, селекторот е разрешен од функцијата, а одлуката стапила во сила веднаш.