Легендата на Барселона, Чави вели дека се било договорено за враќање на Лео Меси на Камп Ноу, но Жоан Лапорта не сакал да го реализира трансферот зошто сакал тој да биде главен во клубот, а не Аргентинецот.
Чави оваа недела седна на разговор со Ла Вангвардија и реши да си ја отвори душата за работите кои се случуваа кога тој беше на тренерското столче на Барселона.
Легендата на „каталонците“ ја искористи оваа прилика жестоко да го обвини Жоан Лапорта за пропаднатото враќање на Лео Меси на Камп Ноу.
„Претседателот лаже за тоа што се случи со Лео Меси“ – почна Чави.
„Во јануари 2023 година, по триумфот на Аргентина на Светското првенство, разговарав со Лео и тој ми кажа дека е заинтересиран за враќање“.
„Бевме во комуникација до март месец и му кажав, „Штом ќе кажеш ОК, ќе го известам претседателот бидејќи од фудбалска гледна точка совршено се вклопуваш““.
„Претседателот преговараше за договорот со таткото на Лео (Хорхе Меси) и добивме зелено светло од Ла Лига за финансискиот дел, но претседателот на крајот се повлече“.
„Ми кажа дека ако Меси се врати, ќе започне војна (против Лапорта). Јас сакам само да ја кажам вистината, Лео не се врати само поради тоа што претседателот не го сакаше тоа“.
„Лага е да се каже дека причината е Ла Лига или дека Хорхе Меси побарал повеќе пари. Претседателот и неговите луѓе беа тие што рекоа дека не можат да го дозволат тоа, дека тој (Жоан Лапорта) ја има целата моќ и дека Лео Меси лошо би се справил со тоа“.
На ова веднаш одговори Жоан Лапорта, кој пак вели дека Чави е огорчен од отказот и затоа збори вака.
„Кога видов што кажал Чави, веднаш помислив на Ханси Филик. Не е лесно да сте претседател на Барселона, морате да носите тешки одлуки. Го направив она што морав да го направам“ – вели Жоан Лапорта.
„Со Чави знаев дека ќе губиме, со Флик знаев дека ќе победуваме. Разбирам дека е повреден, но со истите играчи, Флик победува“.
„Што се однесува до Меси, во 2023 година, ми беше кажано дека Меси сака да се врати и испратив понуда до Хорхе Меси, кој подоцна дојде во мојата куќа и ме извести дека ќе има премногу голем притисок па затоа тие преферираат преселба во Интер Мајами“.
Останува да се види кој лаже, дали Чави или Лапорта. Ова е клучна недела во претседателските избори во Барселона, и вреди да се напомене дека Чави му дава поддршка на Виктор Фонт, противникот на Жоан Лапорта.