Денеска се играат два натпревари од 21 коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), Македонија Ѓорче Петров игра против Работнички, а Арсими ќе се сретне со Тиквеш, двата меча се играат од 14 часот.
Македонија ЃП и Работнички водат грчевита борба за опстанок и секој бод е важен, особено за тимот од Дебар Маало кој е во големо бодовно заостанување.
Работнички првпат оваа сезона врза две победи и тоа им даде надеж дека сепак може да ја фатат последната сламка за спас, но ќе треба да освојат и денеска бодови.
Македонија ЃП се надева дека ќе ја искористи предноста на домашен терен и тие ќе дојдат до победата.
„Нормално е да посакуваме победа. Тоа не е нешто што би изненадило никого. Ние секогаш кога излегуваме на терен посакуваме да победиме. Секој домашен меч сезонава за нас е од огромна важност и нормално е со таков пристап да влегуваме. Секоја чест кон Работнички квалитетен тим, местото на табелата не ја отсликува силата на оваа екипа, но ние веруваме во нашиот квалитет и ќе го дадеме максимумот. Бодовите нас ни се неопходни, и вакви шанси за нивно освојување не смееме да пропуштаме повеќе“ – изјави Филип Стојчевски од Македонија ЃП.
Во подобра ситуација се Арсими и Тиквеш, но и тие се во кошот на екипи кои се борат за опстанок, па бодовите и од овој меч се важни.
„Овој е многу важен натпревар за нас. Знаеме колкава вредност имаат бодовите во оваа фаза од шампионатот и максимално се подготвивме за да го дадеме најдоброто од себе на теренот. Го почитуваме противникот, но ќе влеземе со победнички менталитет. Среќен сум за постигнатиот гол, бидејќи секогаш е посебно чувство да му помогнеш на тимот. Но искрено, не можам да бидам целосно задоволен затоа што не успеавме да ја добиеме средбата. Како екипа сме разочарани што не ги освоивме трите бода, бидејќи сметаме дека ја заслуживме победата. Сакаме да го искористиме овој натпревар за реакција и враќање на победничките патеки. Ќе се бориме до последната минута за да го оствариме резултатот што ни е потребен”, смета фудбалерот на Арсими, Армин Бесагиќ.
Никола Најдовски од Тиквеш знае дека мечот во Гостивар ќе биде тежок, но очекува позитивен резултат.
„На претходниот натпревар не бевме на посакуваното ниво и реално одигравме под нашите можности. Тоа не е сликата што сакаме да ја покажеме. Натпреварот го анализираме, ги увидовме грешките и знаеме каде треба да се подобриме. Нѐ очекува еден исклучително важен натпревар во Гостивар, максимално ја респектираме екипата на Арсими, мора да влеземе со силна желба, максимално мотивирани и фокусирани од првата до последната минута за да дојдеме до посакуваниот резултат. Нѐ очекува натпревар што сигурно ќе привлече внимание. Верувам дека ќе биде динамичен и борбен, со многу дуели и интензитет. Свесни сме дека нема да биде лесно, но токму вакви натпревари се предизвик и можност да покажеме зрелост и карактер. Ако бидеме трпеливи, тактички дисциплинирани и ја задржиме концентрацијата во текот на сите 90 минути, мислам дека имаме реални шанси да оствариме позитивен резултат. Мислам дека покажавме квалитет претходно, но во фудбалот се случуваат и вакви падови, имавме лош ден, едноставно ни недостигаше нашата препознатлива енергија и агресија но тој натпревар е архивиран и мора да се подобруваме на секој нареден“, вели Никола Најдовски.