Легендарниот Хозе Луис Чилаверт ја продолжи војната со ѕвездите на Реал Мадрид, овој пат му ја „плесна“ на Тибо Куртоа, и вели дека голманот нема право да зборува за вредности и срам со оглед на тоа што му ја украде девојката на соиграчот од репрезентацијата, Кевеин де Брујне.
Хозе Луис Чилаверт реши отворено да говори за случувањата на првиот натпревар помеѓу Бенфика и Реал Мадрид во Лигата на шампиони, и инцидентот во кој Винисиус Жуниор се пожали дека бил навреден на расна основа од Џанлука Престијани.
Легендарниот Парагваец рече дека Винисиус Жуниор е тој кој цело време провоцира, но големо внимание привлече со коментарите за Килијан Мбапе, кој застана во одбрана на својот соиграч.
„И погледнете кој прв скокна во одбрана на Винисиус… Мбапе! Од сите играчи, Мбапе! Тој зборува за вредности а живееше со трансвестит, тоа не е нормално. Секој прави што сака во животот, но не е нормално маж да живее со трансвестит“ – рече Хозе Луис Чилаверт алудирајќи на непотврдените шпекулации за врската на Килијан Мбапе со Инес Рау, трансродова жена.
Тибо Куртоа беше тој кој одговори на ова, голманот на Реал Мадрид на средбата со новинарите во вторникот рече: „Коментарите на Чилаверт се срамни. Нема простор за вакви изјави во денешно време, особено од поранешни колеги, ова е нова навреда“.
Но Хозе Луис Чилаверт реши да расчисти некои сметки и со фудбалерот од Белгија, па излезе со нова изјава.
„Куртоа зборува за срам? Па тој му ја украде девојката на соиграчот од репрезентацијата, Де Брујне! Тие цело време зборуваат за вредности, и после вакви работи се случуваат“ – вели поранешниот голман.
ФОТО: X/Real Madrid C.F.