Фудбалерите на Црвена звезда со убедливи 3-0 го добија големото дерби против Партизан во рамките на 24. коло од српската Суперлига, потврдувајќи ја доминацијата во домашниот шампионат.
Триумфот на домаќините беше повеќе од заслужен ако се има предвид дека во најголем дел од натпреварот го контролираа темпото и создаваа повеќе шанси. Отпорот на „црно-белите“ беше скршен во самиот финиш на првото полувреме, кога Василије Костов ја затресе мрежата за водство од 1-0.
Во вториот дел Звезда продолжи во ист ритам, па по десетина минути игра Арнаутовиќ зголеми на 2-0, навестувајќи дека бодовите ќе останат на стадионот Рајко Митиќ.
Партизан имаше шанса да се врати во игра во 71. минута, но Вукотиќ не реализираше пенал. Костиќ погоди по одбиената топка, меѓутоа по реакција на ВАР, голот беше поништен поради предвремено влегување во шеснаесетникот. Претходно, мечот накратко беше прекинат поради пожар на дел од трибината предизвикан од гостинските навивачи, а продолжи откако пожарникарите ја ставија ситуацијата под контрола.
Конечниот печат на победата го стави Александар Катаи во 77. минута, по асистенција на Костов, за конечни 3-0 и нова радост на „црвено-белите“ во најголемото српско дерби.
Со овој триумф Звезда направи голем чекор кон титулата во Србија бидејќи стигна до четири бода повеќе од Партизан кој останана на 53.