Првиот човек на Судиската комисија при ФИФА, Пјерлуиџи Колина, изнесе идеја која би можела сериозно да го промени начинот на изведување пенали за време на натпреварите.
Човекот кој важи за еден од најпознатите судии во историјата смета дека актуелните правила им даваат преголема предност на фудбалерот што шутира, додека голманите се ставаат во подредена позиција, со што се нарушува рамнотежата на играта. Според податоците на ФИФА, околу три четвртини од пеналите завршуваат во мрежата, што, според Колина, е јасен показател дека нешто не функционира како што треба.
Како дополнителен проблем тој ја посочува можноста напаѓачите да постигнат гол од одбиена топка, дури и кога голманот ќе интервенира успешно. Токму поради тоа, Колина предлага воведување на ново правило, познато како „еден удар“.
„Постојат преголеми разлики во шансите меѓу изведувачот и голманот. Кога на тоа ќе се додаде и можноста за одбиена топка, предноста станува уште поголема“, истакнува Колина, објаснувајќи зошто смета дека ваква промена е неопходна.
Освен натпреварувачкиот аспект, тој се осврна и на сцените што често се гледаат пред изведување пенал и борбата за подобра позиција.